аменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска присуствуваше на презентацијата на Извештајот од следењето на управувачките структури во институциите од јавниот сектор, подготвен од Центарот за управување со промени.
Таа ја поздрави подготовката на ваквиот Извештај, кој е добра основа за креирање на идни политики, во насока на надминување на утврдените предизвици и слабости бидејќи, како што кажа, од осамостојувањето на нашата држава до денеска не е посветено доволно внимание на мерење на ефикасноста на овие тела, што е клучен принцип за политики за добро владеење.
„Морам да истакнам дека за дел од слабостите што се детектирани во Извештајот од следење на управувачките структури во институциите од јавниот сектор, што беше презентиран денеска, мојот Кабинет веќе презема конкретни мерки и политики, што за мене е охрабрување дека сме на добар пат. Секако, тоа е резултат и на партнерскиот однос што мојот Кабинет го има со граѓанскиот сектор, на кого јас гледам како на клучен фактор во процесот на подобрување и унапредување на нашето општество“, нагласи вицепремиерката Грковска и се осврна на позитивните резултати што ги дава тесната соработка на Владата со граѓанскиот сектор.
Во тој контекст, таа посочи дека во самиот Извештај, во наодите во сите области е забележано дека недостасува транспарентност на институциите и додаде дека веднаш по преземањето на оваа позиција и заедно со Центарот за управување со промени и Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, по претходна заедничка анализа на состојбата, е подготвено Упатство со кое Владата ги задолжи сите институции, а кое ќе значи унапредување на транспарентноста која мора постојано да се унапредува и надградува.
„Во тек се и низа други мерки кои значат зголемување на одговорноста на функционерите, а во насока на унапредување на ефикасноста на институциите кои се во директна корелација со наодите дадени во овој Извештај. На пример, забележан е проблемот со поставувањето на в.д. директори во институциите што, слободно ќе кажам, според мене упатува и на злоупотреби.
За таа цел, со поддршка на нашите меѓународни партнери и во соработка со Институтот за демократија работиме на анализа на законската регулатива и на фактичката ситуација, ги детерминираме слабите точки, по што ќе произлезат и конкретни препораки, по кои потоа ќе постапуваме“, додаде Грковска.
Како позитивна перцепција во Извештајот се посочува на последните измени на Законот за јавните претпријатија со кои се утврдени определени критериуми кои треба да ги исполнуваат членовите на управните и надзорните одбори кои се поврзани со надлежностите на одборите, се дефинира постапката за нивен избор, под координација на вицепремиерката Грковска е усвоен Правилник во таа насока, но и е намален бројот на членови на управните одбори со што се обезбедува и значителна рационализација на процесот.
На денешната презентација на Извештајот, покрај тимот на Центарот за управување со промени предводен од Неда Малеска Сачмароска, учествуваа и претседателката на Државната Комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, главниот државен ревизор Максим Ацески, Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл и Миша Поповиќ од Институтот за демократија.