„Овозможувањето спорт за сите, преку отстранување на архитектонските и други видливи и невидливи бариери и инвестирање во опрема и посебни програми, не е само начин да се подобри животот и благосостојбата на луѓето со попреченост, туку и начин како општеството да станува подобро и поправедно“, истакна заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на отворањето на првиот инклузивен спортски саем „Спорт за сите“.
Овој настан се организира на иницијатива на вицепремиерката Грковска, а е поттикнат од минатогодишната евалуацијата на EPAS (Enlarged Partial Agreement on Sport), тело на Советот на Европа, кое претставува платформа за меѓувладина соработка на земјите-членки на полето на спортот. Потребата да се унапреди инклузијата во спортот беше една од главните забелешки на EPAS, чија евалуација опфати 40 институции и спортски организации.
„Почитувањето на начелата „Никој да не биде изоставен” и „Ништо за нас без нас“, треба да се водилки и во сите останати области. Бидејќи само со целосно почитување на човековите права и со широка вклученост на засегнатите страни кога се носат и спроведуваат мерки и политики, можеме да изградиме одржлив систем на добро управување, кој ќе функционира во интерес на сите граѓани”, изјави вицепремиерката Грковска, и ги охрабри присутните спортисти и спортски работници да се вклучат со свои коментари во подготовката на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023 – 2030, која во моментов е поставена на ЕНЕР.
Саемот се одржа во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации и во партнерство со Националните сојузи и организации на лица со попреченост.
„Лицата со попреченост многу често се соочуваат со бариери во секојдневниот живот, и за жал оваа целна група е генерално исклучена од скоро сите социо – економски текови. Во таа смисла, спортот претставува идеална средина каде што тие можат на еднаква основа со сите да се занимаваат со спортски активности без разлика дали се соочуваат со одредена попреченост или не. За да го засили позитивното влијание на спортот, а во насока на промовирање и на Целите за одржлив развој, УНДП во своите проектни активности е партнер со националните институции, спортските асоцијации и клубови за да обезбеди можности сите лица да се вклучат во одредена физичка активност на еднаква основа со сите“, потенцираше Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
Целта на настанот е да се поддржат отворените дискусии меѓу Владата и организациите на лицата со попреченост за пристапот до спортот на професионално и рекреативно ниво на еднакви основи како и другите. Во таа насока, со свои излагања се вклучија и министрите за образование и локална самоуправа, Јетон Шаќири и Ристо Пенов, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и Бранимир Јовановски, претседател на Параолимпискиот комитет на Република Северна Македонија. На саемот беа презентирани можностите за активно спортување на лицата со попреченост во неколку спортски федерации и спортски клубови. Учесниците ги споделија предизвиците со кои се соочуваат во своето работење, како и своите идеи за создавање услови за учество во спортот за сите граѓани.