Утрински Весник
Македонија

Сложни попови и во петок мрсат: власта и опозицијата молчешкум се офајдија со подебели плати

Сложни попови и во петок мрсат: власта и опозицијата молчешкум се офајдија со подебели плати

Без врева и во тајност, пратениците си ги зедоа покачените плати овозможени со одлуката на Уставниот суд. Покачувањето за март е за 8 дена или, конкретно, за деновите по одлуката на Уставниот суд. Но, доколку пратениците не донесат измена на Законот за платите и не ги намалат функционерските коефициенти, веќе во април сите избрани и именувани лица ќе добијат плата потешка за 78 проценти. Во овие 17 дена од укинувањето членови од законот, никој, ниту Владата ниту пратениците од власта или од опозицијата, нема поднесено измена на Законот за платите, со што би си намалиле коефициентите, а со тоа и зголемените плати. „Макфакс“ стапи во контакт со седум партии од власта и опозицијата со прашањето дали во овој случај важи народната поговорка сложни попови и во петок мрсат. Од нив, одговорија само две, но не и директно на прашањето.

dobivaj vesti na viber

Најголемата владејачка партија СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои во јавност често се расправаат за трошењето на државните пари – овој пат молчат. „Макфакс“ ги праша зошто нивните пратеници не ги поднесат измените на законот, но не добивме одговор. Со тоа остана неодговорено и прашањето дали е договор меѓу сите партии со молчење да се заборават зголемените плати. ВМРО-ДПМНЕ доби и дополнително прашање – дали адвокатот, кој ја поднел иницијативата за укинување на одредбите од законот што донесе зголемени плати, е близок до нивната партија. Тие не одговорија.

Истите прашања ги доби и политичката партија Левица. Неподнесувањето измени на Законот за платите го правдаат со тоа што досега имале три иницијативи за намалување на привилегиите на функционерите, но не биле усвоени од мнозинството. Нема одговор дали ќе поднесат иницијатива и за намалување на коефициентот.

„Во однос на привилегиите на функционерите, Левицата е единствена парламентарна партија што поднесе три иницијативи за нивно намалување: предлог-закон за намалување на патните трошоци, предлог-закон за укинување на апанажата и предлог-закон за уставните судии (со цел да се анулира додатокот за плати, кој уставните судии го изгласаа со промена на Деловникот во октомври 2020 година, а со кој ќе може да примаат додатоци до 35 % од основната плата). Ниту еден од овие предлог-закони не беше усвоен од парламентарното мнозинство, со што се потврди дека нема реална политичка волја кај Владата за намалување на привилегиите на функционерите.

Молк и од ДУИ. Нивниот лидер Али Ахмети, кој е пратеник, Талат Џафери, кој е собраниски претседател, пратениците од т.н. огнена група, односно 15 народни избраници, веќе добија покачени плати. Ако во просек до сега тие земале 60.000 денари, само со зголемувањето за 8 дена од март, односно од моментот на одлуката на Уставниот суд, тие добија плата од 80.000 денари. Собранискиот претседател, шефот на државата и премиерот досега земаа околу 90.000 денари. Според некои пресметки, поради автоматското зголемување и на износот за минат труд, нивните месечни примања од април ќе бидат поголеми од 200.000 илјади денари.

Конкретни чекори најавува Алтернативата на Африм Гаши. Од таму велат дека ако Владата не интервенира, тие ќе преземат конкретни чекори.

„Алтернативата смета дека во услови на економска криза и растечка сиромаштија платите на функционерите не се и не смее да бидат приоритет. Што се однесува до одговорноста, јавноста треба да знае дека пред да донесе одлука, Уставниот суд побарал и добил мислење од Владата. Затоа, Министерството за финансии сега е обврзано да постапи во една или друга насока. Доколку Владата не интервенира во методологијата за пресметка за висината на функционерските плати да е соодветна на актуелната економска состојба, тогаш ние ќе преземеме соодветни чекори“, велат од Алтернативата.

Од Беса на Билал Касами и Алијансата на Албанците на Арбен Таравари два дена нема одговор на прашањата. Едната е дел од Владата, другата е опозициска партија. Нивните 11 пратеници веќе добија поголеми плати за март.

Цела недела „Макфакс“ не доби одговори ниту од министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој заедно со Владата за себе вели дека е најтранспарентен за јавноста. Со оглед дека имаше тврдења дека платите нема да се зголемат 78 %, прашавме, за колку проценти повисоки плати ќе добијат функционерите од државниот буџет. Иако во неколку наврати потсетивме дека не одговориле на новинарските прашања – тие решија и натаму да молчат.

Во јавноста изминатите 17 дена, освен ветувања за донирање на покачувањето што ќе го добијат и ветување за идни решенија – нема конкретни чекори ниту од Владата ниту од пратениците на власта и опозицијата.

Само претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд, со која се овозможува зголемување на платите на функционерите, истакна дека Владата мора да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност платите на функционерите од него, па сè до локалната самоуправа.

Поголемите плати ги донесе укинувањето на фиксната основица според која се пресметуваат платите на избраните и именуваните лица. Од пратеници преку градоначалници и владини функционери, именувани лица во претпријатија и државни фирми, па до судии – сите ќе добијат поголеми плати во согласност со одлуката на Уставниот суд. Сите се правдаат дека одлуките на Уставниот суд мора да се почитуваат, но тоа не значи дека не може да ги сменат законите. Но, очигледно, сите се надеваат дека народот и на власта и на опозицијата ќе им заборават дека, прво и единствено, си го гледаат сопствениот џеб.

Можете да прочитате

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм