Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг потврди дека Кристијан Ериксен е целосно опоравен од операцијата на скочниот зглоб и ќе биде дел од составот кој овој викенд ќе го пречека Евертон.
Данскиот плејмејкер е во аут од јануари, кога напаѓачот на Рединг, Енди Керол имаше брутален старт над него во меч од ФА купот. Тој подоцна мораше да оди и на операција, а „ѓаволите“ реагираа во зимскиот преоден рок со позјамицата на Марсел Забицер. Ериксен се врати на тренинзи и сега е достапен за игра.
„Лук Шо нема да биде достапен утре, но добрите вести се што Ериксен е на тренинзи и ќе биде во тимот. Тоа беше навистина лош старт и лоша повреда, но за чудо тој успеа бргу да се опорави и тоа е фантастично за нас. Потребни ни се такви играчи. За Премиерлигата, кога си врвен фудбалер кој се бори за трофеи, мораш да бидеш постојан и посветен. Тој менталитет е клучен“, изјави Тен Хаг.
По дуелот со Евертон, Јунајтед во четврток ги очекува првиот меч од четврт-финалето на Лига Европа против Севилја.