„Хот уанс“, популарното ток-шоу на „Јутјуб“ во кои луѓето зборуваат додека истовремено јадат многу зачинета односно лута храна, стана феномен на поп-културата врз основа на кој беа создадени бројни копии.
Концептот е едноставен: гостите на шоуто пред себе имаат 10 пилешки крилца (или веганска алтернатива) зачинети со низа прогресивно полути сосови, а заедно со крилцата доаѓаат и десет прашања поставени од водителот Шон Еванс.
И додека во денешно време многу малку работи на интернет траат повеќе од неколку години, веб-страницата First We Feast започна во 2015 година, а нивното шоу Hot Ones денес има речиси 300 епизоди, од кои секоја има собрано најмалку неколку милиони прегледи.
Меѓу гостите на 20. сезона се и Педро Паскал, Брајан Кренстон, Џена Ортега и Флоренс Пју, што доволно говори за статусот што го ужива серијалот, бидејќи ова се ѕвездите за чие време треба да се борат дури и американските ноќни ток-шоуа.
На самиот почеток гостите им беа претежно рапери, комичари и спортисти, но тоа се промени и денес на „жешкото столче“ седат ѕвезди како што се оскаровките Вајола Дејвис и Кејт Бланшет, потоа Дејв Грол, Ед Ширан, Џими Кимел или астрофизичарот Нил де Грас Тајсон, кој расправа за универзумот додека тамани лути крилца.
Двете најгледани епизоди се оние со Гордон Ремзи и Били Ајлиш, кои имаат собрано преку 165 милиони прегледи до денес.
Иако многумина тврдат дека тајната е во лутите сосови, факт е дека се работи за концепт кој би се истрошил прилично брзо доколку шоуто не го води Шон Еванс, кој можеби не прави ништо посебно на прв поглед, но е успешен затоа што не е наметлив, не сака да биде во центарот на вниманието и прашањата што ги поставува се добро истражени, што е знак на почит кон гостите што седат спроти него.