Во организација на Стопанската комора а за потребите на бизнис заедницата, на 27 април ќе се организира еднодневен семинар на тема: Дефиниција, содржина и видови на тужба, докази во парнична постапка, употреба на вештачење како доказ во парничната постапка со посебен осврт на работните спорови и нивните појавни облици, процесни правила суштински за работните спорови, постапка по редовни и вонредни правни лекови.
Семинарот е организиран по принцип на тренинг-обука, со цел учесниците низ предавања и практични примери од пракса да се стекнат со нови и да ги унапредат постојните знаења во областа на општиот процесен дел од Законот за парничната постапка и работните спорови, како и да се запознаат со конкретни предизвици кои се јавуваат низ секојдневното практицирање на одредбите од Законот, употребата на вештачење како доказ низ содржината на член 235 од Законот за парничната постапка, изведување на супервештачење како доказ во постапката, како и со особености на работните спорови во нивните појавни облици, повреда на работниот ред и дисциплина и работните обврски на работникот, и негова одговорност според одредбите на Законот за работните односи и Законот за административни службеници.
Наменет е за сите вработени во правните служби, адвокатите и правни практичари кои се инволвирани во судски постапки поврзани со сите области на граѓанското право, со посебен акцент на работните спорови, менаџери во компаниите, управители на друштва, вработени во секторите за управување со човечки ресурси, како и за сите останати кои сакаат да го усовршат и надградат своето знаење или истото да го потврдат во делот на работните спорови, како и да се запознаат со измените извршени во 2015 година на Законот за парничната постапка и предлог Законот за парничната постапка кој е предвидено да биде изгласан во Собранието на Република Северна Македонија, низ призма на искуството на двајца правни практичари.
Меѓу предавачите ќе бидат Андреј Димовски, судија во Основен Граѓански суд Скопје. Прв национален судија со остварен продолжен работен престој во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур 2019/2020 година. Продлабочено познавање на судската практика на ЕСЧП во врска со апликација на бројни членови и прашања поврзани со примена на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. 11-годишно искуство како национален судија во областа на граѓанското право, со потесна специјализација во областа на договорното право, правото на надомест на штета (деликтна одговорност, објективна одговорност, граѓанска одговорност за навреда и клевета, надомест на штета од неоправдана осуда и незаконито лишување од слобода), правото на сопственост во сите појавни облици, наследното право. Екстензивно искуство во јавно говорење пред домашен и меѓународен аудиториум. Овластен ментор и предавач на кандидати на почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Скопје. Магистер на науки – фокусиран во областа на финансии и финансиско право. Член на повеќе меѓународни организации за соработка од областа на правото и заштита и унапредување на човековите права и основни слободи.
Драган Лазаров, адвокат – партнер во Адвокатска канцеларија Лазаров од Скопје. Магистер по деловно право на Правниот факултет УКИМ. Работи на граѓанско-правна материја од областа на трговско и деловно право, инвестиции, недвижности, финансово право, трудово право и работни односи. Во својата пракса работи претежно со фирми од државата и странство и има широко практично искуство во деловното работење на трговските друштва. Неговото професионално портфолио опфаќа едни од најголемите домашни и странски инвестиции, како и трансакции.
Последен рок за пријавување е 24 април.