Најмалку две лица загинаа, а десетици се повредени откако вчера торнадо го погоди главниот град на Арканзас, Литл Рок и околината. Уште едно лице загина кога се урна покрив на театар во Белвидер, Илиноис, пришто повредени 28 лица. Покривот се урнал додека во театарот се одржувал хеви метал концерт, пишува „Скај њуз“.
Гувернерката на Арканзас Сара Хакаби Сандерс потврди дека некои луѓе се уште се заробени во урнатините. Торнадото уриваше куќи, преврте автомобили и корнеше дрвја. Без струја во Арканзас останаа околу 90.000 граѓани.
Little Rock tornado at CLOSE RANGE in Chenal… Video from Jc McInnis pic.twitter.com/9df6nYKYMC
— James Bryant (@KATVJames) April 1, 2023
„Во овој момент знаеме за 24 лица хоспитализирани во болниците во Литл Рок“, напиша на Твитер градоначалникот на Литл Рок, Френк Скот Џуниор.
Медицинскиот центар Баптист во соседниот Норт Литл Рок одделно извести дека лекувал 11 лица кои биле повредени, вклучително и едно во критична состојба. Други градови надвор од Литл Рок, исто така, известија за широко распространето уништување и повреди.
Ричард Денис, началник на полицијата во градот Вин, за локална телевизија изјави дека торнадото предизвикало „тотално уништување низ градот“. Торнадото следеше по серијата силни грмотевици што ги погодија јужните и средните западни региони на САД, дом на околу 85 милиони луѓе.
wife took this from baptist hospital in LR #Tornado #littlerock #Arkansas pic.twitter.com/VqskSxjxGE
— Jesse Forrester (@Jwforr) March 31, 2023
Бурата предизвика и други торнада во Ајова, и шумски пожари во Оклахома. Луѓето беа повикани да се евакуираат во делови од Оклахома Сити за да се спасат од пожарот. Синоптичарите најавуваат нова серија силно невреме следниот вторник во истото подрачје.
Кобното торнадо се случи додека претседателот Џо Бајден ги обиколуваше последиците од друго смртоносно торнадо што го погоди Мисисипи пред една недела. Најмалку 21 лице загина во тоа торнадо, а околу 2.000 домови беа оштетени.
Гувернерот Хакаби Сандерс активираше 100 членови на Националната гарда на Арканзас да им помогне на локалните власти да одговорат на последиците од торнадото. Прогласена е вонредна состојба.