Се исплаќаат пензиите за март зголемени 8,4 отсто, односно секој пензионер од овој месец ќе добива зголемена пензија просечно околу 1.500 денари, изјави пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска, на прес-конференција.
Како што рече, веќе во септември, во согласност со методологијата, ќе следува ново зголемување на пензиите, што ќе значи дека за една и пол година, од март 2022 до септември 2023 година, пензиите на сите 330.000 пензионери ќе се зголемат вкупно 25 отсто.
„Тоа е рекордно зголемување на пензиите за толку краток рок“, рече Тасевска.
Пратеничката говореше и за цените на основните прехранбени продукти коментирајќи дека се намалени и замрзнати со цел да се намалат трошоците за храна.
Граѓаните денес купуваат леб со замрзната цена од 33 денари за 450 грама, млеко и млечни производи поевтини за 10, а тестенини за 15 отсто, а максималните цени на јајцата и оризот се утврдени на цената од 15 март оваа година, потсети Тасевска.
Заклучи дека сето ова е показател за одлучноста на СДСМ да го заштити стандардот на граѓаните во време на светска економска криза.