Истакнатиот авганистански борец за образование на жените е уапсен од страна на талибанците, во време кога на тинејџерките и на жените во Авганистан сѐ уште им е забрането да следат настава во училниците, пренесува „Би-Би-Си“.
Матиула Веса (30), кој патувал во оддалечените делови на земјата обидувајќи се да го подобри пристапот до образование за сите деца, често добивал закани. Неговото апсење доаѓа во време на притворање на голем број активистки кои водат кампања за образование на жените.
Во февруари, професорот Исмаил Машал, отворен критичар на забраната за образование на жените, бил уапсен во Кабул додека делел бесплатни книги. Тој бил ослободен на 5 март, но оттогаш не се појавил во јавноста. Водел кампања за правото на девојчињата да учат откако талибанците го забранија образованието на жените во 2021 година.