Светот на тенисот моментално го тресе голем скандал со наместени натпревари. Според француски „Лекип“, ова е веројатно најголемиот ваков скандал во историјата. Надлежните тела истражуваат 375 натпревари одиграни помеѓу февруари 2014 и јуни 2018 година, а тие натпревари се поврзани со 181 тенисер.
Главниот човек на операцијата наводно е 32. годишниот Григор Саркисјан, познат како Мајстер, мафијаш поврзан со ерменската мафија. Тој е обвинет за поткуп на тенисери и местење натпревари.
Повеќето од нив биле мечеви на тенисери кои се наоѓале под 200. место на АТП листата.
Споменатиот Ерменец веќе одлежа осум месеци затвор откако беше уапсен по овие обвиненија, а беше присутен и на неодамнешното продолжение на судењето во Белгија.
Француските играчи Мик Лескур и Жил Окала, тенисери за кои веќе беше потврдено дека биле дел од мрежата за местење натпревари, се суспендирани од декември.
Во јавноста се објавени и тарифите за местење. Така, сите осомничени во оваа афера добиле по 400 евра за загубен гем во поединечен натпревар, за загубен меч во двојки, во два сета, добивале 2.000 евра, а најмногу по меч се делеле по 3.000 евра.
Наводно, на сметките на главните луѓе на операцијата во период од две години поминале вкупно околу осум милиони евра.