Италијанскиот стратег Антонио Конте ќе добие отказ од Тотенхем до крајот на неделата, пренесува британски „Телеграф“. По коментарите по натпреварот со Саутемптон на прес-конференцијата на која ги критикуваше своите играчи и го окарактеризираше Тотенхем како „клуб губитник“, раководството на Тотенхем одлучило да се раздели со Конте.
Сѐ треба да се заврши до крајот на неделата кога според сознанијата на британски „Телеграф“ тимот треба да го преземе Рајан Мејсон и тој ќе го води тимот до крајот на сезоната во која ќе се обиде да се избори за пласман во Лигата на шампионите.
Антонио Конте планираше да го напушти Тотенхем на лето, но очигледно е дека не е задоволен од ситуацијата во клубот и односот на играчите кои не успеваат да воспостават континуитет и да ги исполнат неговите замисли.
На средбата со првиот човек на клубот Даниел Леви напоменал дека нема ништо против раководството, туку дека критиките биле насочени исклучиво кон тимот.