Реакции во јавноста откако вчера беше одбиена иницијативата за ставање на предлог-законот за амнестија на осудените за „27 април“ на дневен ред во Собранието.
Се огласија и осудениците Игор Југ и Јане Ченто.
„Рамноправност и демократија!!!“.
„Добра ноќ Македонијо, земјо во која правдата била мртва уште пред да се роди!!!“ напиша Игор Југ на Фејсбук.
Тој им се заблагодари на адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски за иницијативата.
„ Им благодарам на Драган Стари Пешевски и на Јанаки на идејата и иницијативата! Им благодарам на сите пратеници кои гласаа ЗА! Оние кои гласаа против имаат свои причини кои не сакам да ги анализирам. Животот е круг, еднаш и за некој кој на нив им е мил, а можеби и за нив лично ќе треба да се гласа… Им благодарам на оние кои искрено нѐ поддржуваат и ја посакуваат нашата слобода, бидете благословени луѓе! Посебно ќе се осврнам на оние кои лицемерно ќе лајкуваат на овој пост, а во длабочината на својата расипана душа посакуваат никогаш да не излеземе од затвор и на кои сето ова што се случува во Македонија изминативе 6 години им оди на рака и им одговара на нивните лични интереси и на интересите на центрите на моќ на кои им ја имаат продадено душата за грст сребреници. Прочитани сте како буквар, тоа што не ве терам директно у … е затоа што сакам да видам до каде ќе терате за да станете некој и нешто и финансиски да се осигурате. Засега гледам дека имате огромен капацитет на тоа поле! Само знајте едно: Сите стари удбаши душа испуштале врескајќи како јариња и барајќи свештеник да ги исповедаат тоните грев кои ги имале на душата, сите лицемери по професија поминувале исто. И вие така ќе завршите, а сѐ она што сте го заработиле со лицемерје и кодошлук, ќе ви го трошат други. Животот бргу поминува, а личен избор е дали ќе го проживееш како човек или како лебарка!“, напиша Југ.
„Кажете ѝ на мајка ми нека не жали, оти ние сепак ќе победиме!“ напиша Ченто.
Во Собранието вчера не беше прифатено по скратена постапка да се донесе Предлог-закон за амнестија на лицата осудени за настаните во Собранието на 27 април 2017, поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на иницијатива на адвокатите Јанаки Митревски и Драган Пешевски.