Сопругата на кралот Чарлс Трети, Камила, наводно, добива промена на титулата што се чини дека е спротивно на желбите на нејзината покојна свекрва, кралицата Елизабета Втора.
Новата титула најверојатно ќе уследи по крунисувањето на кралот Чарлс Трети во мај, дознаваат британските медиуми, цитирајќи неименувани извори.
Поранешна Камила Паркер Боулс е во брак со Чарлс од 2005 година и беше позната како војвотка од Корнвол до смртта на кралицата Елизабета Втора во септември.
Кога Чарлс се искачи на тронот, таа стана кралица-консорт.
Последната промена во титулата е против диктатот на покојната кралица, која ги искажа своите желби за Камила во писмо од февруари 2022 година.
„Кога мојот син Чарлс ќе стане крал, знам дека ќе му ја дадете и нему и на неговата сопруга Камила истата поддршка што ми ја дадовте мене; и моја искрена желба е, кога ќе дојде време, Камила да биде кралица-консорт додека ја продолжува сопствената лојална служба“, стои во писмото на кралицата.