Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, предлага закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој, како што рече, започнува „војна“ за искоренување на корупцијата и изградба на современа и демократска држава и држава полноправна членка на Европската Унија.
„ Предлагам формирање на независна Агенција, надвор од центрите на политичката и партиска моќ, за борба против тешките облаци на организиран криминал и високата корупција, која ќе работи на откривање на тешки кривични дела сторени од носители на јавни функции и други вклучени во организираниот криминал. Оваа Агенција ќе го открива и скриениот имот на функционерите во државата и странство, ќе предлага конфискација на криминално стекнатиот имот и забрана на политичко дејствување до 10 години. Оваа Агенција ќе открива кривични дела со значителна вредност (над сто илјади евра), ќе ги анализира јавните тендери и ќе иницира кривична постапка“ рече Трајанов на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека Агенцијата да биде екипирана со врвни професионалци, способни кадри и имуни на партиски и коруптивни влијанија. Директорот да го избира Управен одбор составен од универзитетски професори, новинари, претставници од невладиниот сектор, адвокати, пратеници, обвинител и претставник од ДКСК.
Трајанов очекува повеќе пратеници да се приклучат како предлагачи и Законот да се донесе до крајот на месец март.
Според него, пратениците и партиите коишто ќе го поддржат донесувањето и спроведувањето на овој закон се проевропски партии, кои ќе стават крај на разорното дејство на криминалот и разнебитувањето на државата.