Во првите два месеца од оваа година бележиме двојно намалување на сообраќајни несреќи со жртви споредбено со истиот период лани. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој заедно со дел од раководството на МВР, вечерва беше во скопски Чаир додека полицијата санкционира возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила.
Посетата е продолжение на серијата средби на министерот со полициските службеници на терен.
„На подрачјето на СВР Скопје годината ја започнавме со 20 проценти намален број несреќи со потешки последици за разлика од јануари минатата година, а во првите два месеца од оваа година бележиме двојно намалување на сообраќајни несреќи со жртви (3) споредбено со истиот период лани (6), Во текот на 2023 година на територија на СВР Скопје во месеците јануари и февруари за возење со брзина поголема од дозволената санкционирани се 1.815 возачи. Исто така, во првите два месеца од 2023 година за возење под дејство на алкохол санкционирани се 394 возачи“, информираше министерот.
Спасовски уверува дека ќе се продолжи и понатаму со зголемување на ефикасноста во санкционирањето на возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а сето тоа во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот како еден од врвните приоритети.