„Никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата. Ова е сензитивна тема и без разлика кој го нарачува сето ова, треба да има на ум дека не може да си игра со системот и со граѓаните на Република Македонија“. Ова го изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на 27.10.2022 година кога првпат во 8 училишта во Скопје беа пристигнати лажни закани за поставени бомби. Од тогаш до денес, во 40-ина наврати на речиси 500 локации, од кои најголем дел училишта, па дури и градинки во земјата, веќе 4 месеци сме беспомошни сведоци и жртви на страв, немир, паника и терор. Но, во исто време сме и жртви на лошото владеење со институциите, кои не може да се справат со овој проблем“, истакна на денешната прес-конференција Бојан Христовски, претседател на Градскиот комитет – Скопје на ВМРО-ДПМНЕ.
Очигледно, како што рече, некој дозволува да си игра со судбините на децата, да си игра со системот и со граѓаните на Република Македонија, што е сосема спротивно на она што го изјави Спасовски пред 4 месеци. „Но, тоа е апсолвирана тема. Оваа власт, МВР со ова раководство, но и другите надлежни институции, за жал, не се способни да се справат со проблемот што го вознемирува целото наше општество“, рече Христовски.
Оценува дека прекинот на редовната настава како последица од лажните пријави, покрај психолошкото, социјалното и образовното негативно влијание врз децата, сериозно влијаат и на животот и работата на нивните семејства. Не секој родител, според Христовски, може да го напушти работното место за безбедно да го спроведе детето до својот дом. Од таа причина, појаснува тој, многу деца остануваат без соодветна поддршка и помош при честите ситуации со лажни пријави за бомби, што понатаму може да предизвика дополнителни несакани последици.
„Поради тоа, јавно го повикуваме Министерството за образование и наука итно и во најкус можен рок да преземе активности за изготвување официјален план и протокол, кој ќе предвидува функционални мерки и процедури за постапување при случаи на лажни пријави за бомби и други безбедносни закани во училиштата и други објекти. Државниот образовен систем не смее да остави ниту едно дете без соодветна поддршка, превоз и безбедна локација по пријави за бомби, кои сериозно влијаат на психофизичкиот развој на децата.
Бараме од надлежните институции да престанат со игнорантскиот однос и наместо да бидат соучесници во креирање хаос, неизвесност и недоверба во системот со своето недејствување, веднаш да изготват применлив план со кој секое дете ќе биде соодветно згрижено и заштитено, а родителите изземени од незавиднтаа ситуација во која секојдневно се наоѓаат“, истакнува Христовски.
Апелира и до сите други фактори – училишта, локална самоуправа, родителите и сите други – да бидат вклучени во овој процес.
„Доста е молчење. Време е за акција. Децата се наш приоритет и сè што е поврзано со нив не трпи импровизации“, потенцира тој.