Владата почна постапка со која ќе им ја укине субвенцијата за струјата на пекарниците оти не ги намалиле цените на производите. Намалувањето на цените беше условот поради кој можеа да плаќаат поевтина струја.
„Министерството за економија испрати предлог -одлука до Владата за укинување на мерката за субвенционирана електрична енергија на компаниите од прехранбената индустрија. Според анализите на Министерството за економија, кај голем дел од компаниите кои што користеа субвенционирана електрична енергија од ЕСМ Продажба по цена од 80 евра за мегават час, нема намалување на цените на основните прехранбени производи. Врз основа на податоците од Државниот пазарен инспекторат, предлогот на Министерството за економија до Владата е мерката да се укине за сите компании од прехранбениот сектор“, соопшти Министерството за економија.
Мерката за субвенционирана електрична енергија од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи важеше од 1 декември 2022 до 30 април 2023 година. Се однесуваше на компаниите што произведуваат производи – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Целта на мерката беше компаниите од прехранбениот сектор да ги намалат цените на основните прехранбени производи.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, попладнево рече дека е подготвен за разговор со пекарниците откако тие јавно побараа државата да им даде субвенција за исплата на платите за да не го поскапат лебот. Битиќи рече дека е спремен и за порадикални мерки кои разбираат државата да помогне, но истовремено да стане и партнер во бизнисите на пекарниците.