Иако системот на ФЗОМ две недели е крахиран, осигурениците не може да добијат никаква информација, лекарите не може да добијат плата, сепак, директорот од ДУИ, Фатон Ахмети, е на одмор во САД, тој не е на своето работно место и официјално потврдија од ФЗОМ дека користи годишен одмор, истакна на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Директорот Ахмети, додава Митева, користи годишен одмор затоа што е во политичка посета како кадар на ДУИ бидејќи неговата посета не е од позиција на директор, туку лична, и единствениот бенефит е негово политичко надградување. Ова, како што рече, го потврди и самиот тој, со тоа што обелодени дека е на лидерска визитинг-програма, која се спроведува за политичари, а не за државни функционери.
„Поради неспособноста на менаџментот на ФЗОМ, од кој дел е и Ахмети, целиот систем на податоци на Фондот беше и сè уште е загрозен и е под сериозна опасност, со можност податоците да исчезнат и да треба да се внесуваат рачно со месеци. Епилогот до сега е лекари без плата и голем број закочени процеси. Ковачевски како премиер молчи само поради поддршката на ДУИ, без која тој воопшто нема да биде на таа функција и затоа е нивен заложник. Фрапантно е што две недели Фатон Ахмети не најде дека е неопходно да го прекине својот политички престој и додека податоците на осигурениците, нивните лични информации и дијагнози се загрозени, туку тој како член на политиката партија ДУИ остана на политички престој“, вели Митева.
Според неа, за ДУИ и СДС, државата и нејзиното функционирање се секогаш во втор план.
Оценува дека Фатон Ахмети со ваквата постапка покажува дека за него неговиот политички ангажман во ДУИ е поважен од државната функција, која ја извршува и за која е платен од граѓаните.
„Фатон Ахмети исто како и Артан Груби го стави својот личен интерес пред интересот на граѓаните од чии пари е платен. Ковачевски, пак, наместо да молчи и да прави квази реконструкции на Владата, треба веднаш да го разреши Фатон Ахмети од позицијата директор на ФЗОМ, а доколку не го направи тоа, само ќе стави печат на фактот дека е заложник на ДУИ, со чија помош сè уште се држи на власт“, истакнува Митева.