Мехмет Зеки Полат (65) и неговата сопруга ја преживеаја „катастрофата на векот“, како што турските медиуми ги нарекуваат двата земјотреси што на 6 февруари кои ја погодија оваа земја и Сирија, одземајќи над 46.000 животи.
Она што е фасцинантно за Полат е тоа што тој е човек кој преживеал три земјотреси, но и два срцеви удари, пишуваат медиумите.
Мехмет имал два срцеви удари поради екстремната тага и стрес што ги доживеал по последниот земјотрес. Потоа итно бил префрлен во државната болница во Ајдин, каде се уште е под постојан надзор на лекарите.
„Тоа што го доживеавме тој ден (6 февруари) не може да се искаже со зборови“, ја започна својата приказна Мехмет.
„Беше многу тешко. Последниве години бевме погодени од земјотреси. Фала богу го преживеавме третиот земјотрес. Во првиот земјотрес ни се урнаа куќите, и во вториот. Потоа живеевме во контејнери и шатори три-четири години. Државата ни изгради куќи, а ние се преселивме таму. Една година подоцна, повторно нè погоди третиот земјотрес, последниот што ја погоди целата земја“, рече тој.
Изјавувајќи дека земјотресот силно го погодил и дека поради стресот имал два инфаркти, Полат рече дека му е благодарен на Бог што е жив.
„Многу наши роднини и пријатели ги загубија животите под урнатините на земјотресот. Ги погребавме сите наши најблиски. Починаа моите вујковци, внуци и многу наши деца. Не знаеме ни каде им се гробовите. Има толку многу луѓе што починале што нема каде да се погребаат оние што ги загубиле животите. Го напуштивме нашиот дом и дојдовме овде. Имав еден срцев удар кога излегов од авионот во Анкара, а друг на терминалот кога дојдов во Кушадаси со автобус. Итно ме однесоа на лекар“, објаснува Полат.
Неговата сопруга вели дека човек доброволно не го напушта родниот град каде што пораснал, но по овие искуства засега „немаат намера да се вратат“ во стариот крај.
Повеќе од 40.000 луѓе загинаа во земјотресот, а десетици илјади беа повредени. По разорните земјотреси граѓаните се мобилизираа за помош.