Наскоро излегува четвртиот дел од серијалот „Џон Вик“, со холивудскиот миленик Кијану Ривс во главната улога.
Кијану на многу начини е олицетворение на класичeн холивудски акционен херој, кој на филмското платно успева да се извлече од една невозможна ситуација за потоа да влезе во друга. А сега тој се враќа со „Џон Вик: Поглавје 4“.
Во пресрет на премиерата, американски медиуми се осврнаа на неговиот приватен живот, обележан со трагедии и исклучително тешки моменти, поради што актерот се повлече во себе.
На прв поглед, Кијану изгледа како и секоја друга славна личност, сепак, тој не е типична холивудска ѕвезда. Го нарекуваат најголемиот холивудски добротвор со оглед на тоа што значителен дел од својата заработка ја донира во хуманитарни цели.
Стана познат по улогата на Нео во „Матрикс“.
И не е ништо чудно кога филмските списанија тврдат дека тој не користи каскадери за насилните сцени во филмската трилогија „Матрикс“ и трите филмови со Џон Вик (2014, 2017 и 2019 година).
Но, има добро објаснување: Кијану всушност знае како да се бори. Совладал неколку видови боречки вештини. Пред да го снима првиот филм „Матрикс“ во 1999 година, вежбал со месеци со кореограф за боречки вештини. Заедно со остатокот од тимот морале да вежбаат сè, од џуџутсу, вушу и бокс до крав мага, џудо и карате.
Со кариера долга повеќе од три децении, и успех за кој само неколку негови колеги се осмелуваат да сонуваат. Но, тоа не е успех кој дојде сам по себе. На личен план, животот му го обележаа трагедии и тешки мигови кои би можеле да ја потресат и најнечувствителната душа.
Не само што имал трауматично детство, туку морал да се соочи и со потресни моменти подоцна во животот.
Во 90-тите, Ривс веќе беше ѕвезда, зад него беа блокбастерите „Брзина“ (1994) и „Матрикс“ (1999). Тогаш ја запозна актерката Џенифер Сајм и се вљуби во неа. Двојката започна врска и таа набргу забременила. За жал,, Џенифер го изгуби бебето осум месеци од бременоста. По смртта на нероденото дете, Кијану доживеа уште една трагедија – Џенифер загина во сообраќајна несреќа во Лос Анџелес.
„Со тек на време, тагата и загубата може да ја сменат формата, но никогаш нема да исчезнат. Луѓето имаат погрешна претстава и веруваат дека можат да се справат со тагата и дека во еден миг ќе си кажат: ја нема и сега се чувствувам подобро. Грешат. Кога луѓето што ги сакате ќе починат, останувате сами,“ изјави Кијану во една прилика.
На неговата единствена сестра ѝ била дијагностицирана леукемија и, иако закрепнала, ова искуство имало големо влијание врз него. Години подоцна, болеста се вратила и тој морал повторно да го преживее трауматичното искуство.
Кијану со години во тајност финансирал повеќе детски болници.
Откако медиумите ја открија неговата хуманост, тој рече: „Парите не ми значат ништо. Заработив многу пари, но сакам да уживам во животот и да не се оптеретувам со создавање банкарска сметка. Сите знаеме дека доброто здравје е многу поважно од парите. Подарувам многу и живеам едноставно. “
Често се дружи со бездомници и е исклучително љубезен и трпелив кога се среќава со своите многубројни фанови. Меѓутоа, Ривс привлекува внимание и поради приватниот живот кој е исто како филм.