„Не плачете како жени, кога не сте способни да заштитите како мажи“, пишува во објавата на социјалните мрежи, заменик министерот за култура, Даим Лучи. Тој вели дека Гаши и Сали го игнорирале и бојкотирале и дека барале министерката за култура да му ги одземе ингеренциите за тој во очите на јавноста да изгледа како „пропаднат кадар“ што би се искористило како алиби а потоа да биде разрешен од позицијата заменик-министер за култура. Лучи на социјалните мрежи порача дека повеќе нема да биде дел од Алтернатива додека на нејзино чело е Африм Гаши.
„Со кое право Африм Гаши бара мое разрешување, бидејќи одлуката на Алтернатива за напуштање на Владата е донесена само и само поради разрешување на неговиот пријател Беким Сали од функцијата министер за здравство, а седницата на Централниот одбор во Тетово беше само фарса и лага за гласачкото тело. Во оваа пригода сакам да го истакнам фактот дека сите овие месеци од моето функционирање како заменик-министер бев во служба на граѓаните, но не и на Африм Гаши и неговиот клан. Затоа јавно изјавувам дека додека Африм Гаши, Зеќирија Ибраими и Беким Сали се на чело на партија, јас ќе бидам надвор од сите партиски структури и стојам на иста политичка линија со пратеникот Скендер Реџепи Зејд“, пишува Лучи.
Заменик-министерот оценува дека досега имал успешен мандат и дека направил голем број проекти, а дел од нив почнале да им пречат на поединци во Алтернатива, како што се Гаши и Сали.
„По конгресот на партијата, иако имав политичка функција, бев единствениот функционер кој не беше дел од Централното претседателство, ме отстранија од сите централни партиски форуми и да биде лудилото уште поголемо, на инсистирање на Африм Гаши, а особено на Беким Сали како генерален секретар на партијата, побараа од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да ми ги одземе сите овластувања што ги има еден заменик-министер со единствена цел – да бидам оштетен и во очите на другите да изгледам како пропаднат кадар за да има алиби за мое разрешување“.
„Стојам на иста политичка линија со пратеникот Скендер Реџепи-Зејди за Алтернатива и за ова немам никаква политичка и морална обврска да одговорам на желбата или повик на некои политички промашени поединци за задоволување на нивното его, а најмалку на кланот на Африм Гаши“, пишува тој на социјалните мрежи.