Ако жените го имаат т.н. апче утрото потоа, дали мажите може да добијат нешто слично, на пример, апче еден час пред? Се чини дека такво нешто би можело да биде возможно. Имено, новиот третман ги направил машките глувци неплодни во рок од еден час, со тоа што тие повторно станале плодни за помалку од еден ден.
Потенцијалниот лек, кој сè уште не е тестиран на луѓе, би можел да влезе на пазарот за неколку години доколку се покаже како ефикасен и нема опасни несакани ефекти. Иако од неодамна се истражуваат зголемен број машки контрацептивни таблети или контрацептивни средства, во моментот на мажите им се достапни само две опции за спречување на оплодувањето: кондоми и вазектомија.
Претходните кандидати за вакви таблети наидоа на две главни пречки. Низата нус-појави била многу поголема кај мажите, а фармацевтската индустрија не покажала преголем интерес.
„Во моментот целиот товар на контрацепција е врз жените. Сакаме нови опции“, изјави фармацевтот Мелани Балбах од Факултетот за медицина „Веил Корнел“ во САД, за АФП.
Кога го развиле овој експериментален лек, научниците го таргетирале растворливиот ензим аденилат циклаза, кој дејствува како еден вид прекинувач за спермата. Ако ензимот е исклучен, сперматозоидите повеќе не може да се движат. За време на тестирањето беше откриено дека соединението што го блокира ензимот ја парализира спермата во рок од 30 минути до еден час по внесувањето во телото.
Соединението беше 100 отсто ефикасно во спречување бременост во првите 2 часа и 91 отсто во првите 3 часа. По 24-часовен период, сперматозоидите на глувците повторно почнале да се движат нормално. Затоа научниците се надеваат дека во иднина, врз основа на ова соединение, би можеле да произведат нехормонска пилула, која почнува да дејствува во рок од еден час, а штити од можно оплодување за 6 до 12 часа.
Тие велат дека овој концепт многу се разликува од другите потенцијални контрацептивни методи за мажите (како што е хормоналниот гел, што моментно се тестира кај луѓето), на кои им требаат недели или месеци за да почнат и да престанат да дејствуваат.
За време на експериментите не беа забележани никакви несакани ефекти кај глувците.
Претходните истражувања покажаа дека неплодните мажи, чиј растворлив ензим аденилат циклаза бил трајно оневозможен, имале зголемена стапка на камења во бубрезите.
Но, експертите што работат на развојот на лекот велат дека тоа, најверојатно, се должи на тоа што нивниот ензим е трајно неактивен – што не би било случај за мажите што земаат апчиња за час претходно.
Експертите се надеваат дека првите испитувања на луѓе ќе почнат во рок од три години, а финалниот производ би можел да се појави на пазарот за осум години.