Понижувањата и навредите кои ги трпат Македонија и Македонците се резултат на погрешната политика на СДС. Изворот на ова е затруеното дрво договор со Бугарија кои тие го донесоа, со кое отворија врата и дадоа легитимитет на негаторските изјави и постапки упатени кон македонскиот идентитет, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Резултатот на сето тоа денес се тензиите кои се појавуваат, историски најлошите односи меѓу двете земји и скандалозните прослави на историски датуми со кордони, многу полиција и чествување далеку од очите на народот. Наместо за иднина власта на СДС се согласи да се зборува за историја. Нема никаков инфраструктурен и економски бенефит за Македонија од ова.
Напротив, добиваме уцени и нови и нови барања, чија крајна цел веќе и не се крие, а тоа е однародување, што нема никаква врска со европските стандарди и вредности. Ковачевски и неговата влада се целосно изгубени и со свиткана кичма. Веќе не знаат како да се оправдаат за живата песок во која тонат и за жал ја влечат и Македонија“ велат од партијата.
Тие велат дека неопходни се избори час поскоро, на кои граѓаните јасно и гласно ќе кажат што мислат за нивните погубни политики.