Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека на Косово нема српски општини и дека договорот за формирање Заедница на српски општини го прекршил претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Има општини каде Србите се мнозинство, но нема албански, српски или турски општини. Општините се општини на граѓаните. Значи, општините немаат национална припадност“, изјави за новинарите Курти, пренесува „Радио Ким“.
Тој додаде дека Уставот на Република Косово не дозволува здружување врз основа на етничка припадност.
„Здружение на општини или разни други организации може да имате само по различна основа, било да е тоа економска, економска, социјална, здравствена или образовна, но не и на етничка основа. 33-те договори што беа потпишани во Брисел пред да дојдам на власт се распоредени хоризонтално, немаат хиерархија. Не можете да кажете дека овој договор е поважен од другите. Сите тие договори се еднакви и тие ќе бидат третирани во нашите преговори, кои во основа го имаат овој последен предлог на Европската Унија, кој доби поддршка особено од Франција, Германија и САД. Значи, сите тие претходни договори се во тој предлог. Сега не можете да земете еден од вашите договори и да кажете дека тоа е единствениот договор што е важен. Има 33 договори“, рече тој.
Косовскиот премиер додаде дека „кога ќе дојде време“ и врз основа на овој предлог од Европската унија „ќе ги разгледа сите тие договори“.
„Нема договор што може да биде предуслов и нема договор што може да влезе во центарот на иден договор. Целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија мора да има взаемно признавање во центарот“, смета Курти.
Според него, претседателот на Србија „го прекршил својот најценет договор“.
„Не заборавајте дека на 10 декември минатата година тој договор за Заедница на општините беше потпишан на 19 април 2013 година од поранешните премиери Хашим Тачи и Ивица Дачиќ, а претседателот на Србија го прекрши кога испрати писмо до пет земји од ЕУ кои не го признаваат Косово. Претседателот на Србија потпиша писмо против барањето на Косово за членство во Европската унија. Со тоа го прекрши својот најценет договор, бидејќи во точката 14 од тој договор се вели дека Косово и Србија нема да си создаваат пречки меѓусебно во однос на патот кон европската интеграција“, рече Курти.