Европската Унија е згрозена од егзекуцијата на Мохамад Мехди Карами и Сејед Мохамад Хосеини, кои беа уапсени и осудени на смрт поради протестите во Иран.
Во соопштението, ЕУ уште еднаш ги повикува иранските власти „веднаш да ја прекинат практиката на изрекување и извршување смртни казни за демонстрантите“ и веднаш да ги укинат неодамнешните смртни казни кои веќе се изречени во врска со протестите во таа земја и да обезбеди соодветна постапка за сите притворени.
Како што се посочува, Иран како страна на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права има обврски до кои мора да се придржува, што значи дека „под сите околности мора да ги почитува основните права, вклучително и правото на слобода на изразување и мирен собир“.
ЕУ го повторува своето цврсто и принципиелно противење на употребата на смртната казна во секое време и во сите околности.
„Смртната казна е сурова и нечовечка казна, која не делува како пречка за криминал и претставува неприфатливо негирање на човечкото достоинство и интегритет. Згора на тоа, тоа е дефинитивна казна што ги прави неповратни можните грешки во правдата“, се вели во соопштението.
Иранските власти денеска ги погубија Мохамад Мехди Карами (22) и Сејед Мохамад Хосеини (20) за наводно убиство на припадниците на безбедносните сили за време на протестот, соопшти иранското правосудство.
Во истиот случај на смрт се осудени уште три лица, додека 11 од нив се осудени на затворски казни.
Активистите за човекови права претходно соопштија дека најмалку 10 лица во Иран биле осудени на смрт на сослушувања зад затворени врати под обвинение за учество во протести. Најмалку 516 демонстранти се убиени, а повеќе од 19.000 луѓе се уапсени за време на протестите во Иран кои започнаа на 16 септември, кога курдската девојка Махса Амини почина во притвор на полицијата за морал.