Проблемите во францускиот здравствен сектор, кој се бори со пренатрупаните болници и недостигот на персонал во руралните области, би можеле да се продлабочат во наредните години, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во новогодишното обраќање, пренесува Ројтерс.
„Се соочуваме со ситуација што може да се влоши во однос на медицинската демографија“, рече Макрон, укажувајќи на стареењето на населението во Франција, што исто така значи дека голем број лекари и медицински сестри моментално заминуваат во пензија, многумина без замена со подеднакво квалификувани работници.
Францускиот здравствен сектор се соочи со проблеми во последниве години пред се поради недостигот на кадар, кој дополнително се влоши со пандемијата од Ковид-19, кога многу медицински работници ја напуштија професијата.
Изразувајќи ги приоритетите на неговата влада за здравјето, Макрон рече дека само издвојување повеќе пари не е доволно за да ја направи професијата попривлечна.
Тој додаде дека неговата влада работи на интензивирање на вработувањето на медицински персонал и зголемување на соработката меѓу лицата вклучени во здравствениот систем.