Утрински Весник
Спорт

Канчелскис: Мечот Русија – Шпанија во 2018 беше наместен

Канчелскис: Мечот Русија – Шпанија во 2018 беше наместен

Поранешниот репрезентативец на Русија, Андреј Канчелскис изнесе тешки обвинувања во врска со Светското првенство во Русија кое се одржа во 2018 година. Тврди дека некои натпревари на ова СП биле наместени.
Мундијалот во Русија предизвика многу полемики околу самиот избор на Русија за домаќин, а изјавите на Канчелскис дополнително ќе „кренат прашина“ врз целиот турнир.

dobivaj vesti na viber

„Зошто требаше да навивам за тој тим? Да го купам секој натпревар? Да, сите беа купени. Не знаевте за тоа?”, изјави тој во интервју за порталот „MatchTV.ru“.

Избраниците на Станислав Черчесов се пласираа во четвртфиналето, каде дури по изведувањето на пенали загубија од подоцнежниот финалист – Хрватска.

Според поранешниот играч на Манчестер јунајтед, ждрепката и текот на тој турнир биле договорени на ист начин како и натпреварите.

Според Канчелскис, Русите намерно загубиле во последното коло од групната фаза од Уругвај (0:3) за да играат во осминафиналето против Шпанија.

Русите сензационално ги елиминираа своите ривали по изведувањето на пенали, но според Канчелскис, меѓу двете земји имало посебен договор.

„Игравме дома и бевме влечени за уши како Јужна Кореја во 2002 година. Освен тоа, против кого игравме? Со Уругвај кој не растури“, рече Канчелскис и додаде:

„Навистина никогаш не сте се запрашале зошто селекторот на шпанскиот тим си замина ден пред почетокот на турнирот? На негово место го ставија Фернандо Јеро, кој без разлика на резултатот би продолжил да работи во Фудбалскиот сојуз на Шпанија. Верувајте, има уште многу интересни информации кои не ја виделе светлината на денот“.

„Шпанија не играше фудбал против нас. Патеа, бесмислено ја вртеа топката низ теренот. Играв фудбал и знам за што се работи. Освен тоа, не се ни обидовме да му се спротивставиме на Уругвај во последното коло. Само сакавме да играме против Шпанија бидејќи знаевме што следува. Кралот на Шпанија дојде кај нас и потоа беше склучен специјален договор. Сега не можам да зборувам за деталите, но тие ќе излезат на виделина со текот на времето“, заклучи Канчелскис. .

Овие изјави секако ќе предизвикаат лавина реакции, а дали нешто од ова ќе се покаже како вистина, останува да видиме.

Можете да прочитате

Тежок инцидент во РК Загреб, Кос го нокаутирал соиграчот Мандиќ

ФИФА го избира најдобриот: Родри, Вини или можеби Меси?

Омерагиќ официјално кандидат за претседател на ФФМ