Претседателот на Чешката Република, Милош Земан, денеска во обраќање до нацијата предупреди дека руската агресија врз Украина ја загрозува безбедноста на целиот свет, изразувајќи надеж дека притисокот на „слободните земји“ ќе ја принуди Русија да се повлече од Украина.
Тој за време на божиќниот говор потсети дека е застапник за коректни економски односи со Русија, „пред се поради испораката на релативно евтини енергетски суровини“.
„Сепак, постојат ситуации во кои економските интереси мора да отстапат место на безбедносните интереси. А безбедноста на целиот свет, оттаму и безбедноста на Чешка, е загрозена од оваа агресија“, рече Земан.
Чешкиот претседател целосно ја поддржа монетарната, хуманитарната и вооружената помош што Прага и ја дава на Украина и изрази уверување дека притисокот на „слободните земји“ порано или подоцна ќе ја принуди Русија да се повлече од Украина.
Со кратко резиме на годината, Земан најголемиот дел од своето обраќање го посвети на својата политичка кариера, бидејќи на 8 март, кога му истекува вториот претседателски мандат, последниот дозволен со Уставот, тој се пензионира по 32 години во политиката.
Од долгата политичка кариера, во која имал различни функции на државниот врв, меѓу кои и претседател на парламентот, премиер и прв директно избран шеф на државата во два мандати, Земан како успеси го издвоил влезот на Чешката Република во НАТО, завршувањето на изградбата на нуклеарната централа Темелин и три реформи.
Меѓу тие реформи се и создавањето регионална самоуправа, укинувањето на воениот рок и приватизацијата на банкарскиот сектор.