Секој мрази кога го лажат трејлерите. Тоа можеби веќе нема да биде проблем. Благодарение на новата пресуда на американскиот окружен судија Стивен Вилсон, фановите сега можат да ги тужат филмските студија за лажни трејлери, односно лажни најави за претстоен филм.
Сето ова започна со случајот со филмот Yesterday од 2019 година.
Трејлерот за филмот вклучуваше клипови од актерката Ана де Армас („Нож в грб“), каде што требало да глуми симпатија на главниот актер Химеш Пател, но кога двајца фанови го изнајмиле филмот, тие многу се изнервирале дека актерката е исклучена од филмот иако ја имало во трејлерите.
Затоа тие го тужеа студиото, „Јуниверзал пикчрс“.
„Јуниверзал“ се обиде да ја отфрли тужбата, тврдејќи дека тизерите за филмови имаат право на заштита според Првиот амандман бидејќи тизерот е „уметничко експресивно дело и треба да се смета како некомерцијален говор“.
„Јуниверзал е во право дека трејлерите вклучуваат одредена креативност и уредувачка дискреција, но оваа креативност не ја надминува комерцијалната природа на трејлерот“, напиша судијата Вилсон.
„Во суштина, трејлерот е реклама дизајнирана да продава филм така што на потрошувачите ќе им обезбеди кус преглед на филмот.“
Двајцата фанови бараат најмалку 5 милиони долари.
Дел од тужбата гласи: „Помеѓу другите измами, рекламирањето и промоцијата на филмот Yesterday во целата земја од страна на Обвинетиот („Јуниверзал“) ги залажува потенцијалните гледачи на филмот дека светски познатата актерка Ана де Армас има значајна улога во филмот.“
„Меѓутоа, Ана де Армас не се појавува во филмот на Обвинетиот. Според тоа, рекламирањето и промовирањето на филмот од страна на Обвинетиот е лажно, погрешно и измамничко“.
Овој случај може да постави креативен преседан во филмската индустрија. Иако не е невообичаено трејлерите за филмови да вклучуваат снимки што всушност не се појавуваат во готовиот филм, оваа нова пресуда ја отвора вратата за повеќе тужби.