Холандскиот премиер Марк Руте денеска се извини во име на владата за болната историска улога на Холандија во ропството и трговијата со робови.
„Денеска се извинувам“, рече Руте во 20-минутниот говор кој беше проследен со молк од поканетата публика во Националниот архив, пренесе АП.
Руте се извини иако некои активистички групи во Холандија и нејзините поранешни колонии го повикаа да почека до 1 јули следната година, годишнината од укинувањето на ропството пред 160 години.
Рутe се осврна на несогласувањето околу времето на извинувањето, коментирајќи дека знае дека нема вистинско време за сè, вистински зборови и вистинско место.
Тој рече дека владата ќе формира иницијативен фонд за да помогне во справувањето со последиците од ропството во Холандија и нејзините поранешни колонии.
Холандската влада претходно изрази длабоко жалење за историската улога на нацијата во ропството, но не понуди официјално извинување, пришто Руте еднаш рече дека таквата декларација може да го поларизира општеството.
Сепак, мнозинството во парламентот сега поддржуваат извинување.
Обраќањето на премиерот беше одговор на извештајот објавен минатата година од советодавниот комитет назначен од владата.
Неговите препораки вклучуваат извинување од владата и признавање дека трговијата со робови и ропството од 17 век до моментот на укинувањето, „кои се случиле директно или индиректно под холандска власт, биле злосторства против човештвото“.
Во извештајот се наведува дека она што се нарекува институционален расизам во Холандија „не може да се гледа одвоено од вековното ропство и колонијализам и идеите што се појавија во овој контекст“.
Во соопштението на Владата се вели дека следната година ќе биде година на сеќавање на ропството, во која земјата „ќе размислува за оваа болна историја и како оваа историја продолжува да игра негативна улога во животите на многумина денес“.
Холанѓаните првпат се вклучија во трансатлантската трговија со робови кон крајот на 1500-тите, а станаа главни трговци во средината на 1600-тите, потсетува „АП“.