Утрински Весник
Спорт

Не’ чека мега-финале – Франција и Мбапе против Аргентина и Меси!

Не’ чека мега-финале – Франција и Мбапе против Аргентина и Меси!

Франција ќе се обиде да стане само третата репрезентација која ја одбранила титулата од Светското првенство (по Италија во 1938 и Бразил во 1960), откако со 2:0 го совладаа најголемото изненадување на шампионатот, репрезентацијата за Мароко за да закажат мега-финале со Аргентина предводена од Лионел Меси.

dobivaj vesti na viber

Покрај сите отсуства поради повреди (Канте, Бензема, Погба), на Дидие Дешам му се наруши планот и пред стартот на полуфиналето, кога Адриен Рабио и Дајот Упамекано беа изземени од тимот поради грип. Но, и покрај тоа, Французите беа огромни фаворити и веднаш го покажаа тоа, кога Тео Ернандез постигна акробатски гол по брзата акција предводена од Килијан Мбапе веќе во петтата минута од мечот.

Франција имаше уште една фантастична шанса во првото полувреме, кога Оливие Жиру ја погоди стативата, но Мароканците, кои бркаа негатива, беа поактивниот тим до финишот на полувремето, пред во 44. минута, Џавад Ел Јамик за малку да го постигне најубавиот гол на турнирот со ножички, но интервенцијата на Иго Љорис и стативата беа сојузници на Французите.

И во второто полувреме, Мароко беше поактивниот тим со повеќе шанси во шестнаесетникот на Французите, но сите обиди беа залудни, пред замената Коло Муани да стави точка на мечот во 78. минута откако поголемиот дел од работата го заврши Килијан Мбапе, околу кого беа концентрирани сите марокански дефанзивци.

Франција во недела ќе игра за својата трета „ѕвездичка“ на дресот и потврда дека се најдобриот тим на планетата, но против себе ќе го имаат мотивираниот Лионел Меси и одличната Аргентина, во потрага за „судбински трофеј“. Од друга страна храбрите Мароканци, најуспешната африканска репрезентација во историјата на Мундијалите, во борбата за бронза во сабота ќе се судрат со Хрватска во можеби последниот меч за „коцкестите“ на Лука Модриќ.

Можете да прочитате

Хагерти за Надал: Организиравме сè онака како што сакаше Рафа

Поранешен фудбалер со нож нападнат во Њујорк

Намибиски новинар му одговори на Перез: Тој е фрустрирана личност