Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс синоќа го победија тимот на Вашингтон со 130:119 и го остварија третиот последоватен триумф во НБА лигата. Ентони Дејвис, кој постигна 55 поени, беше најзаслужниот за десеттата вкупна победа на Лејкерс од почетокот на сезоната.
Погоди 22 од 30 удари од поле, а имаше и 17 скока. Леброн Џејмс додаде 29 поени за победничкиот тим, додека Лони Вокер постигна 20 поени.
Во редовите на Вашингтон, кој поради повреда во првата четвртина остана без Бредли Бил, најдобри беа Кристапс Порзингис и Кајл Кузма со 27, односно 26 поени.
Кошаркарите на Бостон ја прекинаа серијата од четири победи на Бруклин со победата над Нетс со 103:92. Џејлен Браун постигна 34 поени и имаше 10 скока, а на патот до 19. победа најдобро го следеше Џејсон Тејтум со 29 поени и 11 скока.
Кевин Дурент беше најдобар во редовите на Бруклин со 31 поен, додека Кајри Ирвинг додаде 18 поени и осум скока.
Мемфис победи на гости кај Детроит со 122:112, предводен од Џа Морант кој постигна 33 поени, од кои 21 во третата четвртина. Морант додаде и 10 асистенции за да му помогне на Мемфис да победи по четврти пат во последните пет натпревари.
Дилон Брукс и Дајерн Џексон постигнаа по 22 поени за победничката екипа, додека Детроит го предводеа Седак Беј со 20 и Бојан Богдановиќ со 18 поени.
Кошаркарите на Сакраменто на домашен терен го победија Чикаго со 110:101. Сите пет стартери кај Кингс имаа двоцифрен учинок, а најефикасен беше Малик Монк со 20 поени, додека Домантас Сабонис натпреварот го заврши со 11 поени, 17 скока и десет асистенции.
За Чикаго, пак, не беа доволни 41 поен на Зек Левин.
Кошаркарите на Њујорк победија на домашен терен против Кливленд со 92:81. Џејлен Брансон постигна 23 поени, а Џулиус Рендл додаде 18 за победничкиот тим, додека Кливленд го предводеше Донован Мичел со 23 поени.
Портланд на домашен терен ја победи Индијана со 116:100.
Џереми Грант постигна 28 поени, додека Демијан Лилард имаше 21 поен и шест асистенции во својот прв натпревар по повредата на 19 ноември. Индијана, пак, ја предводеше Мајлс Тарнер со 24 поени и девет скока.
Сан Антонио, исто така, го загуби 11. последователен натпревар бидејќи беше поразен на домашен терен од Феникс со 133:95 и сега е на само два порази од најлошата серија на франшизата од 1989 година.
Деандре Ајтон го предводеше Феникс до седмата победа во последните осум натпревари со 25 поени и десет скока, додека Келдон Џонсон беше најдобар кај Сан Антонио со 27 поени.