Германската енергетска компанија „Унипер“ објави дека го тужела „Гаспром“ за отштета поради неиспорака на договорените количини природен гас од јуни, кога рускиот гигант почна да ги намалува испораките, а потоа целосно да ги стопира на крајот на август.
Како што соопшти „Унипер“, германскиот увозник на руски гас, постапката против „Гаспром експорт“ е покрената пред меѓународниот арбитражен трибунал во Стокхолм.
Според „Унипер“, трошоците за замена на гасот што Русија досега требаше да ѝ го испорача на Германија изнесуваат најмалку 11,6 милијарди евра, а овие трошоци ќе продолжат да се зголемуваат до крајот на 2024 година.
„Гаспром“ почна да го намалува снабдувањето со гас за Германија преку подводниот гасовод „Северен тек“ во средината на јуни, наведувајќи ги наводните технички проблеми. Берлин го отфрли ова објаснување, оценувајќи го како параван за политичката одлука на Москва, чија цел е зголемување на цените и создавање неизвесност.
На крајот на август престанаа сите испораки на руски гас за Германија, која ја поддржува Украина во војната меѓу таа земја и Русија, а војната започна на 24 февруари со руската инвазија.
„Унипер“ претрпе огромни загуби поради намалувањето и на крајот откажувањето на испораките на рускиот гас затоа што, за да ги исполни своите договорни обврски кон клиентите, мораше да купува гас по далеку повисоки цени од „Газпром“. Владата во Берлин најави национализација на „Унипер“ на крајот на септември.
Намалувањата и прекинувањето на испораката на гас во Германија доведоа до голем скок на цените на парното и електричната енергија, што пак предизвика голема неизвесност поради стравувањата од затворање на компаниите, рационализација на потрошувачката и рецесија пред доаѓањето на зимата.