Четири лица се осудени на смрт во Иран под обвинение дека соработувале со израелската разузнавачка служба и извршиле киднапирања, објави иранската новинска агенција „Мехр“.
Техеран неодамна ги обвини израелските и западните разузнавачки служби дека подготвуваат граѓанска војна во земјата, која е зафатена од најголемите антивладини протести од Исламската револуција во 1979 година.
„Мехр“ ги објави имињата на обвинетите, објаснувајќи дека „тие се осудени на смрт за кривично дело соработка со разузнавачката служба на ционистичкиот режим и за киднапирање“.
„Со помош на ционистичката разузнавачка служба, таа мрежа на разбојници крадеше и уништуваше приватен и јавен имот, киднапираше луѓе и принудуваше лажни признанија. Тие беа уапсени од Револуционерната гарда и Министерството за разузнавање, објави „Мехр“.
Уште три лица добија затворски казни од 5 до 10 години под обвинение за дејствување против националната безбедност, помагање во киднапирања и поседување нелегално оружје, се вели во соопштението.