Хасан Ал-Тавади, генералниот секретар на Врховниот комитет за организација на Светското првенство во Катар, тврди дека при изградбата на стадионите за Мундијалот починале помеѓу 400 и 500 мигранти работници.
Третманот на мигрантите во Катар беше една од главните забелешки во западна Европа за СП во Катар, покрај ЛГБТ-правата во оваа земја, а „Гардијан“ минатата година тврдеше дека 6.500 мигранти имаат загинато при изградбата на стадионите, додека повеќе организации бараат ФИФА од наградниот фонд да одвои сума за отштета на семејствата на работниците. Ал-Тавади во интервју со Пирс Морган вели дека бројките се драстично помали и дека има 37 починати мигранти надвор од работното место.
„Проценката, кога ќе се земат предвид градежните работи е околу 400. Помеѓу 400 и 500. Не ја аимамточната бројка. Секако, и една смрт е премногу, тоа е јасно. Секоја година здравствените и безбедносните услови на градежните парцели се подобруваат и тоа го знаевме уште кога го добивме шампионатот“, вели Ал-Тавади.
Околу ЛГБТ-правата, Ал-Тавади инсистира дека сите луѓе се безбедни при посетата на Катар.
„Работите околу ФИФА и европските нации треба да ја решат меѓу себе. Нашата позиција е дека сите се добредојдени во Катар. Работевме за да создадеме атмосфера во која луѓето од сите делови на светот ќе се чувствуваат безбедни да дојдат во Катар и да се сретнат со луѓето од арапскиот свет кои обично не ги гледаат. Безбедно е секој да биде во Катар, било како турист, било како жител“, вели Ал-Тавади.