Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска потпиша договори за соработка со градоначалниците на општините Делчево – Горан Трајковски, Валандово – Перо Костадинов, Чучер Сандево – Сашко Комненовиќ и Центар Жупа – Аријан Ибраим.
Со потпишувањето на овие договори Фондацијата Отворено општество – Македонија се обврза преку избран економски оператор да инсталира фотоволтаични соларни системи на пет училишни објекти, а општините се обврзаа да го преземат одржувањето на инсталираните системи, со што ќе бидат задоволени потребите за електрична енергија на овие училишта во кои настава посетуваат вкупно 1.300 ученици.
Пет училишни објекти од кои два средношколски училишни центри – СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово и СОУ „Методи Митевски Брицо“ во Делчево, и три основни училишта во рурални подрачја – ООУ „Страшо Пинџур“ – село Јосифово, Валандово, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – село Кучевиште, Чучер Сандево и ООУ „Неџати Зекирија“ – село Новак во Центар Жупа, се дел од овој проект.
Целта на проектот е да се овозможи искористувањето на сончевата енергија и рационално користење на енергијата во пилот-училиштата со што ќе се поддржи еколошката транзиција на институциите, а истовремено ќе се стреми кон создавање т.н. зелени училишта.