Два дена пред самитот на Западен Балкан во Берлин, висок германски функционер изјави дека Србија наскоро ќе треба да одлучи дали сака да се приклучи на Европската унија или дали сака да продолжи да ги развива односите со Русија.
Реакцијата на Германија беше предизвикана од извештаите според кои Белград ја стави својата војска во состојба на готовност поради тензиите на Косово.
„Потребата да се донесе одлука доаѓа до израз“, рече германскиот функционер, кој сакаше да остане анонимен. „Односите со Србија се сложени – има добри и лоши страни. Односите на Србија со Русија секако се дел од лошите страни на тој однос“, додаде тој.
Односот меѓу Германија и Србија дополнително беше загрозен од фактот што српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ минатиот месец потпиша договор со неговиот руски колега Сергеј Лавров во кој тие се обврзаа да се консултираат за прашања од надворешната политика.
Од 2012 година, кога стана кандидат за влез во ЕУ, Србија се обидува да балансира помеѓу историски блиските односи со Русија и аспирациите за интеграција во Европската унија. Таа рамнотежа ја отежна војната во Украина, особено затоа што многу Срби сочувствуваат со Русија.
Германскиот функционер рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ја има целосната поддршка од ЕУ и германската влада доколку одлучи да тргне по патот на евроинтеграциите. Тој исто така додаде дека Србија, доколку избере друг пат, ќе ги почувствува последиците од нејзиниот избор.
Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека Србија се залага за дијалог, но дека тој не може да се релаксира. „Армијата е подготвена да ги заштити сите граѓани на Србија, вклучително и Србите на Косово, никој не треба да се сомнева во тоа“, рече Вучевиќ во врска со се позаострените односи со Косово.
Косово постојано се обидуваше да му нареди на своето српско малцинство да ги смени старите регистарски таблички кои датираат од пред 1999 година, кога Косово сè уште беше дел од Србија, што предизвика отпор кај српското малцинство, кое не сака да ги смени регистарските таблички.
Косово минатата недела објави дека го одложува планот за конфискација на српски автомобили чии сопственици одбиваат да им ги сменат старите регистарски таблички, од времето кога Косово сè уште беше дел од Србија. Одлуката дојде откако ЕУ предупреди дека конфискацијата на автомобилите може дополнително да ги поттикне етничките тензии.
ЕУ во саботата соопшти дека Косово има право постепено да ги укинува регистарските таблички, но преодниот период треба да се продолжи. Косово прогласи независност во 2008 година, но околу 50.000 етнички Срби кои живеат во северниот дел одбиваат да ја признаат власта на Приштина,пренесе Индекс.хр.