Бројот на загинати во уривањето на мост во Гуџарат, Индија, се искачи на 132, соопшти локален функционер, а пренесе Ројтерс.
Пешачки мост над реката Мачху во градот Морби, преполн со посетители кои уживаа во празничните веселби, се урна во неделата, при што голем број луѓе паднаа во реката.
„Бројот на загинатите во инцидентот со уривање на мостот се искачи на 132. Операциите за пребарување и спасување продолжуваат“, рече висок функционер на НК Мухар, истакнувајќи дека бројот на жртвите може да се зголеми.
Тој, исто така изјави дека персоналот на вооружените сили со националните тимови за управување со катастрофи и вонредни состојби од околните области се распоредени за да ги лоцираат исчезнатите лица и да помогнат во операциите за спасување.
Повеќе од 400 луѓе биле на и околу мостот кога тој се урна. Мостот долг 230 метри е изграден за време на британското владеење во 19 век. Тој беше затворен шест месеци поради реновирање, а неодамна беше повторно отворен за јавноста.