На оскаровецот Кевин Спејси му се суди во граѓанска парница поради наводите дека сексуално нападнал момче пред 36 години.
Во текот на неговото сведочење во понеделникот, Спејси рече дека се шокирал кога Ентони Рап излегол во јавност со обвинување за сексуален напад врз него во 1986 година кога имал 14 години.
Рап, кој сега има 50 години, претходно овој месец сведочеше дека опиениот Спејси (тогаш на возраст околу 27 години) се качил врз него на забава во неговиот стан на Менхетен. Рап, кој во тоа време бил на почетокот на сопствената кариера на Бродвеј, тврди дека успеал да избега од собата, но дека тоа искуство му оставило трајни лузни.
А во понеделникот, Спејси изјави дека тврдењето не е точно и дека никогаш не бил сам со Рап. Во неговото сведочење, Спејси нагласи дека Рап бил во неговиот стан само еднаш, во 1986 година, со актерот Џон Бароуман.
„Јас бев шокиран кога Рап излезе во јавност со неговите наводи во напис во ‘Базфид’ во 2017 година.
„Како е можно ова да биде вистина“, сведочеше Спејси, додавајќи дека никогаш не бил сексуално заинтересиран за Рап или кој било малолетен.
Рап, кој глумел во Бродвејскиот мјузикл Rent, покрена тужба против Спејси во ноември 2020 година, барајќи отштета од 40 милиони долари за намерно нанесување емоционална болка.