Финската државна електроенергетска компанија Фортум објави дека започнува двегодишна студија за изводливоста за изградба на нови нуклеарни централи во родната Финска и Шведска.
Европа се обидува да ја зајакне енергетската безбедност на долг рок и да ги намали трошоците бидејќи Русија го намали снабдувањето со гас ова лето поради санкциите со кои западните земји реагираа на нејзината инвазија на Украина и блокадата на опремата на сервисот „Сименс енерџи“.
Иднината на испораките преку гасоводот Северен тек 1 потоа беше доведена во прашање поради оштетувањето на цевката при експлозии кои, како што се сомневаат во Европа, беа резултат на саботажа. Намалената понуда на руски гас предизвика скок на цените на берзите за електрична енергија во Европа, па владите почнаа да ги враќаат во употреба електраните на јаглен, кои веќе беа затворени, а тие сè повеќе се потпираа и на нуклеарните централи.
„ Фортум ќе ги испита комерцијалните, технолошките и социјалните, вклучително и политичките, правните и регулаторните услови за малите модуларни реактори (SMR) и конвенционалните големи реактори“, соопшти финската компанија.
Оваа година Финска започна со производство на електрична енергија во првата нова нуклеарна централа во Европа по повеќе од десет години. Се очекува и новата влада во соседна Шведска да претстави план за изградба на нови нуклеарни централи.
„ Целите за енергетска независност, безбедно снабдување и неутралност на јаглеродот се предизвици со кои се соочува целото наше општество“, рече извршниот потпретседател на Фортум, Сајмон-Ерик Олус.
„ Сакаме да утврдиме под кои услови можеме да ги постигнеме со производство на нуклеарна енергија, за кое е познато дека е доверливо и не испушта јаглерод диоксид“, рече Олус.