Иранските правосудни власти соопштија дека четворица затвореници загинале, а 61 се повредени во пожар во затворот Евин во Техеран, јави новинската агенција ИРНА.
Пожарот избувнал во текот на ноќта, четворица затвореници се задушиле од чадот, а од вкупно 61 повреден, лекарска помош добиле 51, пренесе Ројтерс.
Голем пожар избувна во саботата во озлогласениот затвор каде, како што истакнува АП, се чуваат политички затвореници и антивладини активисти.
Истрели се слушаат и на видеата на интернет и во локалните ирански медиуми, во време кога повеќе од четири недели траат немирите поради смртта на младата Иранка Махса Амини.
ИРНА објави дека имало конфликт меѓу чуварите и затворениците во едно крило на затворот.
Висок функционер за безбедност рече дека затворениците запалиле магацин полн со затворски униформи, што го предизвикало пожарот.
Тој изјави дека бунтовниците биле одвоени од другите затвореници со цел да се смири конфликтот.
Службеникот посочува дека сега ситуацијата е „целосно под контрола“ и дека пожарникарите го изгаснале пожарот.
Обвинителот на Техеран Али Салехи изјави дека во затворот е воспоставен мир и дека инцидентот не е поврзан со улични немири.
Групата за човекови права „ХРАНА“ со седиште во САД соопшти дека најмалку 233 демонстранти се убиени откако бранот протести го зафати Иран на 17 септември.
Се додава дека меѓу загинатите има 32 лица помлади од 18 години.
Претходно, Иранската организација за човекови права, со седиште во Осло, Норвешка, процени дека биле убиени 201 лице, додека иранските власти не објавија биланс на загинати во претходните недели.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата.
„Иран е целосно одговорен за безбедноста и незаконски затворените граѓани кои треба веднаш да бидат ослободени“, рече портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Американскиот претседател Џозеф Бајден за време на патувањето во Орегон изјави дека „иранската влада е крајно репресивна“ и дека има голема почит кон луѓето што маршираат на улиците.