По речиси 36 години затвор, серискиот силувач Ричард Гилмор од Орегон ќе биде ослободен во средината на декември.
Тој беше уапсен во 1986 година и го доби прекарот „џогер силувач“ затоа што жртвите ги наоѓал додека трчал (џогирал) во близина на нивните домови. Тој силувал девет девојчиња во Портланд во текот на 1970-тите и 1980-тите. Сепак, беше осуден само за едно силување бидејќи другите случаи биле застарени. Тој беше прогласен за виновен во 1987 година за силување на 13-годишното девојче Тифани Еденс, неговата последна позната жртва, во декември 1986 година.
Тифани јавно проговори за нападот, а неодамна на социјалните мрежи напиша дека била информирана дека негативецот наскоро ќе биде на слобода.
Во август, Гилмор беше префрлен од затворот Уматила во Портланд во затвор со минимално обезбедување за да го подготви за неговото враќање во општеството. Тој ќе остане под надзор до 2034 година, а доколку го прекрши условниот отпуст ќе биде вратен во затвор. Кога ќе излезе од затвор ќе има 63 години.
Гилмор беше осуден на минимум 30 години затвор од максималните 60. Одборот за условно ослободување му ја намали казната на половина во 1988 година, една година откако беше осуден. Гилмор е класифициран како сексуален престапник со низок ризик за повторување на делото.
Тој ќе биде регистриран како сексуален престапник до крајот на својот живот, но нивото на неговата класификација како криминалец е такво што државата и областа во која живее не се обврзани да го известат соседството што го имаат како сосед.
Неговите жртви се лути и бесни поради одлуката. Една од неговите жртви, Дениел Тудор, која била тинејџерка кога Гилмор наводно ја силувал во 1979 година, вели дека не ја разбира одлуката бидејќи на судењето тој бил окарактеризиран како „опасен криминалец“.