Утрински Весник
Свет

Америка го укина ембаргото за оружје на Кипар под услов да го спречи пристапот на руските бродови

Кипарскиот претседател Никос Анастасијадес денеска ја поздрави „историската“ одлука на САД за целосно укинување на ембаргото за оружје што со децении го погодува поделениот медитерански остров, под услов Никозија да продолжи да ги спречува руските воени бродови да пристапат до нејзините пристаништа.

dobivaj vesti na viber

Вашингтон воведе ембарго за оружје на целиот Кипар во 1987 година со надеж дека ќе го поттикне повторното обединување на островот, поделен по турската воена инвазија во 1974 година, како одговор на пучот на националистите на кипарските Грци кои сакаа да го припојат островот кон Грција.

Со тоа, САД сакаа да спречат трка во вооружување и да поттикнат мирно решение меѓу грчкото мнозинство и турското малцинство.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера ги укина ограничувањата за трговија со оружје за Кипар, земја членка на ЕУ, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

„Тоа е историска одлука која го одразува развојот на стратешките односи меѓу двете земји, вклучително и на полето на безбедноста“, објави денеска кипарскиот претседател Анастасијадес на својот Твитер профил, пренесе Бета.

Американските власти беа загрижени дека ембаргото би можело да го доближи Кипар до Русија, откако Никозија потпиша договор со Москва во 2015 година со кој и дозволува на руската морнарица да ги користи нејзините пристаништа.

Во 2019 година, Конгресот на САД гласаше за делумно укинување на ембаргото за оружје што дозволува извоз на несмртоносна воена опрема.

Со целосно укинување на ембаргото, Кипар треба да продолжи да соработува со Вашингтон и да го оневозможи пристапот на руските воени бродови до неговите пристаништа за снабдување и одржување, додаде Прајс.

ЕУ ги затвори европските пристаништа за руските бродови како дел од санкциите наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина,пренесе Политика.рс.

Можете да прочитате

Унгарија го поддржува мировниот план на Кина за Украина

Нетанјаху: Ќе се бориме со нокти ако треба

Првата пратка помош до пловечкото пристаниште во близина на Газа го напушти Кипар