Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз ја освои титулата на последниот гренслем турнир во сезоната, УС Опен. Тој во финалето во Њујорк го совлада Норвежанецот Каспер Руд со 3:1 во сетови (6:4, 2:6, 7:6, 6:3).
Со ова, Шпанецот стана најмладиот светски рекет број еден, на возраст од 19 години и четири месеци. Досега рекордот беше во сопственост на Австралиецот Лејтон Хјуит, кој во 2001 година беше на врвот на АТП листата со 20 години и 9 месеци.
Алкараз стигна до големата победа по три часа и 22 минути игра. Го доби првиот сет со 6:4 во гемови, но потоа возврати Руд со добра игра во вториот. Шпанецот го скрши отпорот на противникот во третиот сет, кој му припадна по тај-брејк. На крајот, во четвртиот сет славеше со 6:3 во гемови и го заокружи мечот со голема победа.