Експерти на ОН пристигнаа во украинската нуклеарна централа во Запорожје, каде што ќе го проценат ризикот од радијациона катастрофа, откако мораа да чекаат неколку часа бидејќи комплексот беше цел на гранатирање.
Репортерот на Ројтерс виде како тимот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) пристигнува во голем конвој, со многу руски војници во близина. Украински извор запознаен со ситуацијата рече дека „мисијата би можела да биде пократка од планираното“.
Украинската државна компанија за нуклеарна енергија Енергоатом објави дека руското гранатирање затворило еден од двата преостанати реактори во функција, додека Москва тврди дека го спречила обидот на Украинците да ја преземат централата.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Москва прави се за да обезбеди безбедно функционирање на централата и дека инспекторите на МААЕ можат да ја завршат својата мисија.
Инспекторите на МААЕ беа задржани на првиот контролен пункт надвор од градот поради извештаи за гранатирање.