Утрински Весник
Свет

Русите објавија: Знаеме кој ја уби Дугина, долго ја следела, изнајмила стан до неа

Фeдералната служба за безбедност на Русија ги обвинува украинските специјални служби за убиство на Дарја Дугина, ќерката на Александар Дугин, пренесува Интерфакс. Украина негираше вмешаност во убиството. Руските истражители сега тврдат дека убиството на Дугина било планирано и извршено од украински специјални служби, кои, според нив, отпатувале во Естонија по злосторството.

dobivaj vesti na viber

„Убиството го подготвиле украинските сили, а сторител е нивната државјанка Наталија Вовк, која со Дугина влегла во Русија на 23 јули годинава. Изнајмила стан во зградата во која живеела Дугина и ја надгледувала“, соопшти ФСБ.

Тврдат дека во Русија влегла со Mini Cooper со регистерски таблички на НР Доњецк, а потоа ги сменила за казахстански. Кога се враќала во Украина, ставила, како што тврдат, украински таблички.  Сега е во Естонија.

„На денот на убиството, Вовк и нејзината 12-годишна ќерка присуствувале на литературен и музички фестивал на кој Дугина беше почесен гостин. Откако поставија бомба под Toyota Land Cruiser Prado управувана од Дугина, Вовк и нејзината ќерка си заминаа од Русија во Естонија“, тврдат од ФСБ.

Дарја Дугина, ќерката на Александар Дугин, загина откако експлозивна направа го разнела автомобилот Toyota Land Cruiser. Руското МНР шпекулира дека зад нападот стои Украина. Имено, се верува дека вистинската мета бил самиот Дугин, филозоф со големо влијание врз Кремљ кој најави потенцијална инвазија на Украина во 2008 година.

Пријателот на Дугина изјави за ТАСС дека верува дека таткото бил вистинската мета на експлозијата, или можеби и двајцата биле цели со оглед на тоа дека автомобилот му припаѓал на Александар.

„Тоа е автомобилот на нејзиниот татко. Даша (Дарија) вози друг автомобил, но таа го возеше неговиот. Александар отиде одделно”, изјави за ТАСС Андреј Краснов.

„Кога Дарја свртела на автопатот Можаискоје кај селото Болшија Вјаземи дошло до експлозија, автомобилот веднаш се запалил. Пламените јазици целосно ја зафатиле. Таа изгубила контрола бидејќи возела со голема брзина и одлетала на спротивната страна на пат“, додаде тој.

Краснов наведува дека Дугина се враќала од фестивал на кој се разговарало за актуелните трендови во литературата, музиката, културата и кинематографијата. На настанот беше и самиот Краснов.

Денис Пушилин, прорускиот лидер на Доњецк, кој ја обвинува Украина за овој инцидент, на Телеграм изјави дека Дарја Дугина ќе остане запаметена како „вистинска Русинка“.

Од друга страна, набљудувачите во Украина сметаат дека нејзините сили во моментов не се способни да извршат таков напад. Висок украински функционер ги отфрли обвинувањата за вмешаност на Украина во инцидентот, објави Би-Би-Си.

„Нагласувам дека Украина, се разбира, нема никаква врска со тоа бидејќи ние не сме криминална држава, туку тоа е Руската Федерација, а уште помалку терористичка држава“, изјави Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател.

Официјален претставник на руското Министерство за надворешни работи навести дека за експлозијата се одговорни украинските државни структури, што украинските власти го негираа, пишува Си-Ен-Ен.

„Доколку се потврди дека Украина е одговорна, тогаш треба да зборуваме за политиката на државен тероризам што ја спроведува режимот во Киев“, напиша портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова на Телеграм.

„Многу се акумулираа низ годините: од политички повици за насилство до раководство и учество на украинските државни структури во злосторствата“, додаде таа.

Можете да прочитате

Нојман: Употребата на дронови во војната во Украина „не е пример“ за воздушните способности на НАТО

Институт за проучување на војна: Русија, Кина и Северна Кореја не му помогнаа на Иран во војната со Израел

Фидан: Поддршката за „геноциден Израел“ не е во ничија корист