Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека Кина со спроведување на воени вежби ги прекршила правилата на Обединетите нации и извршила инвазија на територијата на Тајван. Како што наведуваат, кинеските сили го блокирале воздушниот простор и водите кои му припаѓаат на Тајван.
Како што јави француската новинска агенција АФП, 27 авиони влегле во воздушниот простор на Тајван.
Министерството за одбрана на Тајван претходно соопшти дека островот цврсто ќе ја брани својата безбедност, ќе се спротивстави на секој потег што го нарушува неговиот територијален суверенитет и дека војската ќе го подигне „нивото на будност“ на таков начин што нема да предизвика конфликти, пренесува „Ројтерс“.
Во соопштението се наведува дека „Кина продолжува да води психолошка војна против Тајван“, и дека граѓаните не треба да веруваат во гласини и се поканети да ги пријават сите лажни вести до владата.
Набргу по пристигнувањето на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси во Тајпеј, кинеската војска започна воздушни и поморски воени вежби во близина на Тајван и пробно лансирање на конвенционални ракети во морето источно од тој остров, наведува британската агенција.
Тајван преговара со соседните Јапонија и Филипините за да најде алтернативни рути за авионите, пишува „Ројтерс“, повикувајќи се на тајванската агенција CNA.
Британскиот дописник за Би-Би-Си од Кина, Стивен Мекдонел, на Твитер објави географска карта на која се прикажани локациите каде Кина ќе врши воени вежби, што покажува дека островот е практично опколен.
„ Се чини дека главниот одговор на копното на Кина на пристигнувањето на Ненси Пелоси во Тајван би можело да биде серија вежби на жив воздух и поморски оган во текот на следните неколку дена низ островот. Погледнете ја картата подолу…“, напиша Мекдонел.
It seems that the main response from mainland #China to the arrival of Nancy Pelosi in #Taiwan could be a series of air and sea live fire military exercises over several days all round the island. See map below… pic.twitter.com/PZVo8rokGX
— Stephen McDonell (@StephenMcDonell) August 2, 2022
Пекинг соопшти дека странските авиони и пловни објекти не треба да влегуваат во областа каде што се одржуваат вежбите бидејќи ќе се користи боева муниција.
„ На 3 август, Источната зона на Народноослободителната армија на Кина (ПЛА) организираше заеднички борбени вежби во северните, југозападните и југоисточните води во близина на брегот на Тајван, во кои учествуваа морнарицата, воздухопловните сили, ракетните сили, силите за стратешка поддршка и заедничките логистички сили“, се наведува во соопштението на официјалниот профил на Источната борбена команда на социјалната мрежа WeChat.
Објавени се и голем број фотографии на кои се гледаат воени бродови, авијација и воена опрема, пренесува РИА Новости.