Илјадници граѓани масовно, гордо и достоинствено, во Крушево го чествуваа големиот национален празник 2 Август – Денот на Републиката. На достоен начин беше оддадена чест и признание на славните предци од Илинденското востание и од народно ослободителната борба. Но и оваа како и години претходно ВМРО-ДПМНЕ на најголемиот државен празник продолжи со недостоинствено, неодговорно и антидржавно однесување, истакна на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа додаде дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Александар Николоски, свесно доцнеше на предвидената агенда, за потоа да ја напуштат манифестацијата пред интонирањето на државната химна. Тоа е нечесно, неодговорно и срамно однесување.
Кузеска додаде дека ВМРО-ДПМНЕ на Мечкин Камен свесно го сквернавеше Денот на републиката, државниот празник го злоупотребуваше во дневнопартиски цели. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ погази по идеалите на Крушевскиот манифест, ги погази жртвите од Илинденското востание, дадени за слободна држава.
Исто постапуваше и Христијан Мицкоски, кој наместо да се појави на некоја од најважните локации, тој Илинден го чествуваше приватно, осамен и опкружен единствено со едвај стотина негови поддржувачи.
Мицкоски му кажа НЕ и на Илинден и на таков свечен ден не пропушти можност да сее омраза и поделби меѓу граѓаните.
Уште еднаш се докажа дека Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ немаат ни малку државничко однесување, дека нивната единствена агенда се деструкциите, блокадите и дејствување на штета на државните и националните интереси, истакна Кузеска.