Утрински Весник
Македонија

Лекарска комора: Стручниот надзор со побавна динамика во пандемија, лекарите се повеќе ангажирани во лекувањето

За да се изврши вонреден надзор е потребно подносителот на барањето до Комората да достави писмена пријава и комплетна документација за случајот, која често се доставува некомплетна или со задоцнување, што може да биде една од причините за доцнење на надзорот“ наведуваат од Лекарската комора.

dobivaj vesti na viber

Од започнувањето на пандемијата со Ковид-19 до Лекарската комора се поднесени поголем број барања за вонреден стручен надзор. На овие барања, како што велат, не може да се одговори со очекуваната динамика, бидејќи во комисиите кои треба да го направат надзорот се ангажираат лекари вработени во здравствените установи кои беа и се ангажирани со поголем интензитет на работните места поради зголемениот број на пациенти.

„ За секоја пријава се формира посебна комисија која брои три члена, а изборот на специјалноста на лекарите кои се нејзини членови се прави врз основ на тоа за каков случај станува збор. Во комисиите поврзани со случаите со ковид 19 требаше да се вклучат инфектолози, пулмолози, анестезиолози, кои се дефицитарни специјалности и кога станува збор за лекување на пациентите, за лекарите тоа е приоритет во однос на ангажманот во стручниот надзор. Исто така, треба да се разграничи и дека стручниот надзор не е судско вештачење, односно тој не прави реконструкција на настаните, туку ја констатира состојбата врз основ на расположлива документација и замени изјави од доктори и други здравствени работници кои активно биле вклучени во лекувањето и третманот на пациентот и дава стручно мислење.

Во однос на извршувањето на стручниот надзор во услови на пандемија, доставена е писмена информација до Министерството за здравство со кое сме во комуникација со цел изнаоѓање на решение кое ќе ја направи работата на комисиите побрза и поефикасна. Лекарската комора е одговорен партнер на Министерството за здравство во креирање подобри решенија за надминување на проблемите со цел, создавање на подобри услови за лекување на пациентите и работата на лекарите. Во таа насока, активно работиме на подобрување на постоечкиот механизам и правно доуредување на процедурата за формирање на комисиите, а со цел постапката да се одвива поефикасно. Лекарската комора има целосен капацитет да го организира останатиот дел од процесот“ се додава во соопштението.

Согласно Законот за здравствена заштита, Лекарската комора исто така има овластување за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценца за работа на докторите по медицина. Кога е во прашање стручноста на лекарот законот предвидува привремено и трајно одземање на лиценцата, кое во двата случаи се прави ако постои соодветна судска пресуда со која се докажува дека докторот сторил кривично дело поврзано со здравствената дејност или сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.

„ Одземањето на лиценца за работа е сериозен чин поради што и Законот предвидува тоа да се прави само во случај на постоење на судска пресуда со која се докажува дека лекарот сторил кривично дело. Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци без да се докажат поставените сомневање, бидејќи тоа би бил сериозен атак на професијата и можност за злоупотреби. Лекарската комора во овој дел постапува максимално стручно и одговорно и ги процесира сите предмети за кои е добиена соодветна судска пресуда.

Истакнуваме и дека системските проблеми кои постојат во здравствениот систем од каде најчесто произлегуваат причините за незадоволството на пациентите и пропустите во лекувањето, нема да дозволиме по правило да се препишуваат на стручноста на лекари и на раководството на Комората, бидејќи тоа е тенденциозно, неоправдано и што е најважно не носи решение за надминување на состојбите и спречување на можностите проблемите да се повторуваат. Тие предизвици треба да се решаваат со транспарентен и отворен пристап од страна на креаторите на здравствените политики, со вклученост на сите засегнати страни, во што лекарите како практичари во целиот процес може да дадат голем придонес, бидејќи сите имаме заедничка цел – создавање на подобар здравствен систем, како за пациентите, така и за здравствените работници“ велат од Лекарската комора.

Можете да прочитате

Семејствата на жртвите од „Пулс“ против концертот за Петровден – Крстевски откажа, но беше исвиркан

МВР брани насилници, ете зошто жените тука завршуваат мртви, рече Арсовска

Петровска: Вчера пратеничка денес градоначалничка кој е следен ?