Утрински Весник
Свет

Сунак и Трус единствени кандидати за нов британски премиер

Поранешниот британски министер за финансии Риши Сунак и шефицата на дипломатијата Лиз Трус останаа единствени кандидати за нов лидер на Конзервативната партија, кој ќе стане и премиер на Велика Британија, пренесуваат британските гласила.

dobivaj vesti na viber

Во денешниот петти круг гласање за наследник на премиерот во заминување и лидер на конзервативците, Борис Џонсон, Сунак доби најмногу гласови, Трус беше втора, а третопласираната Пени Мордоунт, државен секретар за трговија и поранешен министер за одбрана беше елиминирана.

Досега за кандидатите се изјаснуваа пратениците на Конзервативната партија, додека за изборот на новиот лидер во последниот круг одлучуваат сите 180.000 нејзини членови. Ќе гласаат по пошта или преку интернет.

Името на победникот, односно новиот британски премиер ќе биде објавено на 5 септември, а тој автоматски ќе стане премиер на Велика Британија.

Сунак и Трус ќе водат кампања во следните неколку недели за да ги придобијат членовите на партијата низ целата земја.

Сунак имаше најмногу гласови во секој од петте круга на гласање, но тој не ужива посебна популарност меѓу партиското членство, според тамошните медиуми.

Џонсон на 7 јули објави дека се повлекува од функцијата шеф на владата и партијата, откако околу 50 членови на владата поднесоа оставки, незадоволни од неговото одбивање да се повлече по неколку скандали. Меѓу нив беше и Сунак, кој поднесе оставка два дена пред Џонсон.

Можете да прочитате

ЕУ и САД постигнаа договор за царините

Песков: Односите со Киев ќе се одредат по исполнување на целите на  „специјалната воена операција“

Рубио: Трамп го губи трпението, Русија да преземе иницијатива